Никола Митревски е нашиот најискусен ракометар на ова Светско првенство. Репрезентативниот голман не крие дека едвај чекаат да излезат на теренот и да го покажат вистинското лице, да не дозволат на противниците да го диктираат темпото. Македонија е во група со Унгарија, Холандија и Гвинеја, мечевите ги игра во Вараждин Арена.
„Атмосферата во нашиот табор е позитивна, со нетрпение се очекува овој прв натпревар. Уште од самиот старт на подготовките, пред триесетина дена, едвај чекавме да дојде овој 15 јануари, за да излеземе на терен на првиот меч на СП 2025. Можам да кажам дека одработивме квалитетни подготовки и најважно од се ќе биде да го покажеме своето вистинско лице. Тоа значи да ја играме нашата игра, она што го работевме изминатиот период и да не дозволиме ривалите да го диктираат темпото.“, истакнува македонскиот голман.
Митревски ја истакнува силината на унгарската репрезентација. Станува збор за противник кој е покриен на сите позиции, комплетна селекција. Тој посакува да пренесат бод во главната рунда, да успеат да изненадат некој од противниците.
„Унгарија е навистина силна репрезентација, одлично покриена на сите позиции, со извонреден тандем на пивоти, но и бекови со моќен шут од 9-10 метри. Тие се навистина една комплетна селекција кај која е тешко да најдете слаба точка, но наше е да излеземе и да дадеме се од себе за да им се спротивставиме. Се знае дека сме едни од фаворитите во групата за тие три позиции кои водат во следната фаза, наша желба е ако ни се укаже можност да пренесеме и некој бод во главната рунда, а потоа и да се бориме со останатите ривали за што подобар резултат во Вараждин“, порачува Никола Митревски.
„Секоја победа на големите натпреварувања е убава, дава дополнителен мотив и ја крева самодовербата кај сите репрезентативци. Таа победа над Швајцарија ја вметна Македонија меѓу носителите во ждребот за бараж за ова СП, таму го добивме најтешкиот ривал од неносителите, селекцијата на Фарските Острови, која по голема борба успеавме да ја совладаме и да стигнеме до билет за овој мундијал. На тој дуел во Скопје покажавме дека можеме да се носиме и со ривали кои инсистираат на брз ракомет, тоа сакаме да го потврдиме и во Вараждин“, вели Митревски.
Мечот меѓу Унгарија и Македонија е закажан со почеток во 20:30 часот.