Унгарија не успеа да ја оправда фаворитската улога против Македонија на првиот меч на Светското првенство. Кирил Лазаров и неговите момци на дело покажаа дека во изминатиот период се подготвувале одлично. На прес-конференцијата селекторот, Чема Родригез потенцира дека очекувале ваква игра од нашата репрезентација, не биле воопшто изненадени.
„Знаевме дека нема да биде лесно, дека Македонија е квалитетна репрезентација. Играа бавно во нападот и моравме да бидеме фокусирани подолги периоди, а кога ние бевме во напад, тие имаа одличен голман на својот гол. Не сме изненадени, знаевме колку ќе ни биде тешко, особено што првите средби на големите натпреварувања се секогаш компликувани. Чувствуваме дека добивме бод бидејќи во вакви ситуации, со еден плус и напад репрезентацијата што има водство, од 100 натпревари победува 98 или 99 пати. Чувствуваме дека денеска среќата беше на наша страна“, изјави Чема Родригез.