Емоција, борба, срце – Македонија!

438

Да жалиме за пропуштената победа против големиот фаворит Унгарија, но повеќе треба да се радуваме на она што го видовме во Вараждин Арена. Кој очекуваше дека оваа нова Македонија ќе одигра врвно против една селекција со голема традиција на Светските првенства, против селекција која има ракометари кои играат во Лигата на шампиони, кој очекуваше дека ќе бидеме блиску до целосна сензација.

Селекторот, Кирил Лазаров успеа да го пренесе победничкиот менталитет во „црвено-жолтите“ редови, ја влеја дозата на самодоверба – дека битката се добива на терен, а не на хартија. Во неговиот мозаик недостасуваше малку повеќе искуство за ја „фрлат“ цела Македонија во делириум.

Синоќа во Вараждин Арена „децата“ на Лазаров покажаа зрелост, дрскост и храброст. Испратија порака дека оваа нова генерација има допрва што да покаже, но потребна е верба од цела нација, најважно трпение во сите подеми, но и падови. Само на овој начин можеме да градиме сопствен индетитет.

Менталитетот од мечот со Хрватска се преслика на дуелот со Унгарија. Капитенот, Филип Кузмановски одигра врвен меч, не е само бројката на голови зад неговото име. Фитиљ целосно ја оправда довербата за капитенската лента, ја превземаше одговорноста, знаеше како да го дигне целиот тим во тешките моменти.

Никола Митревски уште еднаш покажа зошто неговото искуство се уште е потребно на овој тим. Без добра вечер на голманите, ниту најмоќната репрезентација не може да се надева на добар меч, а не пак една земја како Македонија. Митревски блескаше, им даваше ветер во грб на соиграчите.

Секој што влезе на теренот добро се вклопи во докторската дезертација на Лазаров за оваа средба. Лесно е да се гледа од страна, но во процес на создавање на нов национален тим, приказната е поинаква.

Македонија е емоција, Македонија е битка, Македонија е гордост!

ПретходноПо поразот од Бразил: Норвешка не може да поверува во фијаското на стартот на Мундијалот
СледноСП 2025: Италијанците по нов триумф, први мечеви за Словенија и Шпанија