Големо неверување владее во Норвешка, откако нивната репрезентација синоќа во првиот меч на Светското првенство загуби од Бразил.
Селекцијата која има две светски сребра и една европска бронза, се надеваше на атак на медал и на ова првенство на кое се домаќини, но стартот не ги охрабри, напротив тотално ги разочара. Против аутсајдерот Бразил, Норвешка синоќа дозволи пред своја публика да добие голема шлаканица и сега прашање е какви ќе бидат шансите за влез во мечевите за пласман меѓу осумте најдобри.
Медиумите во татковината не ги поштедија ракометарите, односно сите се свесни дека ова мора да биде повик за будење.
„Фијаско на отворањето на Мундијалот. За малку ќе го уништиме првенството на домашен терен пред да започне“, напиша ВГ.
„Ова е голем неуспех. Ниту кралот не можеше да им помогне на ракометните мајстори, кои имаа кошмарен старт, срамен пораз“, објави нацинаонлата телевизија ТВ 2.
„Неверојатно е тоа што се случи, катастрофа е да се загуби ваков натпревар на домашен терен“, напиша НРК.
Со пишувањата на медиумите се согласи и најдобриот ракометар на Норвешка, Сагосен.
„Ова е големо разочарување. Игравме против добар тим, но јасно е дека сакаме добар почеток кога играме пред седум или осум илјади свои навивачи. Сега имаме нож под грлото, мораме на победи на сите преостанати натпревари“, изјави тој.
Норвежаните во петок ќе играат против САД, а в недела против Португалија.