Македонската ракометна репрезентација го запиша првиот пораз на СП, откако беше совладна од Холандија со 37-32. Милан Лазаревски е еден од двајцата играчи кои добија црвен картон на дуелот против Холандија. Данските судии тоа го сторија во 56-та минута, по груб старт над Лука Стејнс.
„Не сум човек што сака да коментира судиски одлуки и критериуми, треба пред се да го погледнеме сопствениот двор, да ги разрешиме проблемите во играта што ги имавме и да бидеме уште подобри на наредните натпревари. Во мојата глава нема морални победници, останува фактот дека ние го загубивме овој меч на теренот, може да дискутираме на кој начин тоа се случи, но мене како играч ме интересира само крајниот резултат, а тој не беше на наша страна. Би сакал уште еднаш јавно да им се заблагодарам на македонските фанови, нивната поддршка е драгоцена за нас и ја крева нашата игра на едно уште повисоко ниво. Од срце им благодарам за она што го прават за нас, горди сме што имаме вакви навивачи и верувам дека до крајот на ова СП ќе им се оддолжиме со добри игри и резултати“, изјави Лазаревски.
Вардаровиот пикер не можеше, а да не го искоментира судењето, колку и тоа да не го сакаше. На крајот им честиташе на своите соиграчи за играта, бидејќи уште еднаш покажаа карактер.
„Знаете, во ракометот постои некоја сива зона што не е дефинирана кога станува збор за арбитражата, овојпат таа сива зона беше на страната на противникот, не ни беше дозволено да се вратиме кога игравме добро во нападот, но редовно добивавме исклучувања и пенали за Холандија и камбекот беше невозможен. Честитки за моите колеги, не беше едноставно да се игра ваков натпревар, покажавме квалитет и карактер, имавме голема поддршка од трибините, за жал тоа не беше доволно за да стигнеме до резултатот што сите го посакувавме“, истакна големиот борец Милан Лазаревски.
Македонија последниот меч од групната фаза на СП ќе го игра во недела против Гвинеја. Победа на оваа средба значи пласман во главната рунда.