Полувреме: Македонија има три гола негатива против Холандија

40

Македонската ракометна репрезентација по првото полувреме против Холандија на вториот меч на Светското првенство има негатива од три гола 18-15. Избраниците на Кирил Лазаров се борат цврсто, играат храбро, пад во последните пет минути им го отвори патот на „лалињата“, ги казнија сите грешки на нашите ракометари.

Кузмановски има четири гола, Серафимов и Пешевски постигнаа по три гола. Никола Митревски има шест одбрани.

Впечатокот во одредени моменти е дека судиите се малку, но доволно наклонети кон противникот. Имаа неколку чудни одлуки, кои во одредени моменти имаа и тоа како влијание на резултатот.

Одбрана на Никола Митревски на стартот на мечот, на другата страна Кузмановски реализираше за 0-1. Лазаров се одлучи во одбраната да игра „фластер“ на Стејнс. По 1-2 за нас, нашите момци направија три технички грешки, Велковски заработи исклучување, а противникот поведе со 4-2 во седмата минута. Две минути подоцна при 5-4, Македонија имаше шанса да израмни, но Кузмановски не реализираше од седум метри. Тоа успеа да го стори Велковски (5-5). Во 14-та минута со головите на Кузмановски и Пешевски, и по одбрана на Митревски поведовме со 8-9.

Ја одржувавме позитивата од еден гол во следните минути, но Холандија со брза транзиција израмнуваше. При ново водство за Македонија од еден гол настана вистински циркуз на теренот, Лазаров заработи жолт картон, а нападот на Холандија траеше цела вечност, па Маркоски зарботи исклучување. Но сето ова не ги дестабилизира нашите редови.

За жал по двојната одбрана на Митревски не искористивме напад за плус два, а згора на се во 22-та минута Петар Атанасијевиќ заработи директен црвен картон. Влеговме во серија на грешки, а Холандија ги казни сите, во 28-та минута поведе со 17-13. Серафимов успеа да ја прекине нашата лоша серија од пет минути без реализација (17-14). Со играч помалку Холандија реализираше за 18-15, но Серафимов брзо врати за 18-15, резултат со кој заврши првото полувреме.

ПретходноАтлетик: Елмас опција и за Валенсија
СледноОФС Битола едногласно, поддршка за претседателот Масар Омерагиќ