УО на ФФМ: Капинковски, Начевски, Станковски… нови селектори на младите репрезентации

652

Како што најавивме утринава, денеска на седницата на Управниот одбор на ФФМ беа донесени неколку важни одлуки од страна на новото раководство на федерацијата. На предлог на спортскиот директор на Национални репрезентации, Горан Пандев и техничкиот директор на ФФМ, Ѓорги Христов, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ги прифати предлозите за нови селектори на младинските национални репрезентации:

Димитар Капинковски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 18 години (генерација 2008.). Капинковски е поранешен репрезентативец на Македонија и тренер на битолски Пелистер, Победа Прилеп и Самтредиа од Грузија. Капинковски до 2019 години беше главен тренер во Националната фудбалска академија во Битола. Ѓорѓи Стојчев, тренерот кој со Брера Академија Пандев (генерација 2008.) ја освои двојната титула, шампион и победник во Купот на Македонија, ќе биде асистент во стручниот штаб на Капинковски.

Драган Начевски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 17 години (генерација 2009.). Поранешениот репрезентативец на Македонија е дел од тренерскиот кадар во Академијата на ФФМ, а работеше и како асистент во репрезентацијата на Македонија до 21 година. Драган Начевски минатата натпреварувачка сезона ја предводеше генерацијата 2009. на десет контролни / пријателски натпревари, а сега добива шанса да ја предводи талентираната генерација и во квалификациски циклус кој започнува оваа година.

Горан Станковски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 15 години (генерација 2011.). Станковски е поранешен фудбалер од шампионската генерација на Слога Југомагнат, а како интернационалец настапуваше во Русија, Турција, Белгија и Германија. Тренерската кариера на Горан Станковски најмногу е поврзана за ФК Работнички каде бележеше одлични резултати со младите категории, а беше предводник и спортски директор на првиот тим. Горан Станковски е поранешен селектор на Македонија до 17 години и 19 години. 2018 година беше избран за најдобар тренер во младински фудбал.

Илјами Исени е назначен за селектор на македонската репрезентација до 16 години (генерација 2010.). Исени, ланската натпреварувачка сезона ја предводеше генерацијата 2010. на шест контролни / пријателски натпревари.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот за назначување на директор на А македонската репрезентација и директор на репрезентацијата до 21 година.

Данчо Масев е именуван за директор на А репрезентацијата на Македонија. Поранешниот македонски репрезентативец се враќа на позицијата која ја извршуваше од јуни 2018 до ланскиот септември. Масев беше директор на најдобрата репрезентација во моментите на најголемиот успех – пласманот на Европското првенство и освоеното прво место во последното издание од Лига на нации.

Игор Митревски е именуван за директор на репрезентацијата на Македонија до 21 година. Стружанецот, поранешен прославен македонски репрезентативец, кариерата ја започна во Македонија Ѓорче Петров, а подоцна играше уште и за Караорман, Напредок и Силекс.2001. замина во Москва, во гигантот Спартак. Остави длабок белег и стана трет странец со најмногу настапи за Спартак Москва, клуб со кој настапуваше во Лигата на шампионите. Како интернационалец настапуваше и во Украина, Израел, Азербејџан и Германија.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го назначи Борче Христов за директор на Центарот за едукација на ФФМ. Борче Христов е носител на тренерска ПРО лиценца и во тренерската кариера ги предводеше Македонија Ѓорче Петров, Цементарница, велешки Борец.

Еден од заслужните за големиот напредок на младинскиот фудбал во Азербејџан, како генерален менаџер на Карабах. Во Азербејџан, работеше и како асистент тренер во Баку.

Фудбалската федерација на Македонија му се заблагодарува на Небојша Марковски, досегашниот долгогодишниот директор на Центарот за едукација.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, согласно даденото ветување на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, донесе одлука за зголемување на таксата (надоместок) за судии и контролори.

40 проценти е зголемена таксата за судии и конторлори за натпреварувањата во Прва МФЛ, Втора МФЛ, сите младински категории (младинци, кадети, пионери, помали пионери, петлиња, помали петлиња), женски младински категории (младински и кадетки);

60 проценти е зголемена таксата за судии и конторлори за натпреварувањата во Супер лига – младинци и кадети.

100 проценти е зголемена таксата за судии и конторлори за натпреварувањата во Прва и Втора футсал лига и женска Прва и Втора лига.

Ова е само прва фаза од најавеното зголемување за судиите и контролорите. Претседателот на Комисијата за натпревари, Игор Франговски во следната фаза ќе даде предлог за зголемување на таксата (надоместокот) и за делегатите на натпреварите од МФЛ.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за укинување на забраната  за присуство на публика на натпреварите од северниот регион во Детска лига. Тренерите на тимовите, учесници во натпреварувањето се известени да го почитуваат кодексот за фер-игра и однесување. Секое спротивно однесување ќе подлежи на дисциплински сакнции. Исто така, повикуваме, сите родители и гледачи во иднина да размислуваат за влијанието што нивните постапки го имаат врз децата и секогаш да се однесуваат на начин кој поддржува и поттикнува позитивен развој. Приоритет е да обезбедиме секое дете да ужива во играњето фудбал во безбедна и позитивна средина.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го одреди датумот и местото на одржување на Редовно изборно генерално Собрание на Фудбалска федерација на Македонија. Редовното изборно генерално Собрание на ФФМ ќе се оддржи на 15. март 2025 година со почеток во 10:00 часот во хотел „Хилтон“ во Скопје.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука федерацијата да се откаже од 50 проценти од приходот остварен од регистрација на странски фудбалери. Приходот од кои се откажува ФФМ, ќе биде пренасочен кон Општинските фудбалски Сојузи (ОФС).

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот за измени на членови во Одборот на тренери во Фудбалската федерација на Македонија.

Актуелниот состав на Одбор на тренери во ФФМ: Алексо Мацков, Борче Христов, Благоја Китановски, Кочо Димитровски, Менсур Јакупи;

ПретходноТедеско добил отказ: Белгија со нов селектор на дуелите со Македонија
СледноЛазаров: Треба да се бориме и да не гледаме кон резултатот! Ќе ни биде потребна помош од „фалангата“ уште од првата минута!