Уште неколку часа не делат од вториот меч на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство. Противник е селекцијата на Холандија, тим против кого имаме одиграно само една средба, истата заврши со убедлив пораз за „црвено-жолтите“.
Рецептот за успех за ново пријатно изненадување на овој Мундијал е дисциплина и фокус во сите 60. минути, во спротивно никој не може да се надева во позитивно сценарио.
„Го оставивме зад себе дуелот со Унгарија, секако дека во прв момент тагувавме што не успеавме да стигнеме до победата што ни беше толку блиску, но од друга страна, ако некој ни понудеше реми пред мечот без размислување ќе прифатевме. Одигравме квалитетен натпревар, не бевме потценети од Унгарците, туку едноставно ние игравме на високо ниво и тоа е најважно од се. Сепак, ова е турнирски систем, мора веднаш да се фокусирате на следниот предизвик, за нас тоа е Холандија. Играме против уште една квалитетна репрезентација, мислам дека според стилот на игра Холандија и Унгарија воопшто не можат да се споредат, но тоа е најмалку важно, она што е најважно ние да ја играме нашата игра, советите од стручниот штаб да ги исполниме на терен бидејќи тоа е рецептот за успех на нашата репрезентација“, изјави Џонов во пресрет на оваа средба.
Натпреварот меѓу Македонија и Холандија е закажан со почеток во 18 часот.