Кузмановски: Оваа Македонија има иднина! Гвинеја е аутсајдер но нема да ја потцениме!

262

Нашите ракометари утре треба да стават печат на пласманот во главната рунда на Светското првенство. Последен противник на Македонија на Светското првенство е Гвинеја, мечот се игра со почеток во 18 часот.

Капитенот Филип Кузмановски, жали што не запишаа победа против Унгарија, но според играта која ја покажаа и против Холандија, сега е убеден дека оваа Македонија има иднина.

„Уште пред почетокот на првенството, откако ги дознавме противниците, почнавме со подготовки. Очекувано, поголем фокус имавме на Унгарија и на Холандија, искрено жалиме што не забележавме барем една победа на стартот. Многу ќе ни значеше победа на тој дуел со Унгарија, но не се сомневам дека оваа репрезентација на Македонија има многу добар квалитет и тоа ќе го покаже во иднина. Пред нас е дуелот со Гвинеја, меч на кој сакаме да победиме и да одиме во вториот круг. Одиме чекор по чекор, фокусирани сме прво на Гвинеја, а потоа и на следната рунда каде што ќе се бориме со Австрија, Катар и Франција. Верувам во нашата репрезентација, дека со играта што ја прикажуваме и со поддршката од нашите фантастички навивачи ќе стигнеме уште до некоја победа во главната фаза“, истакнува Кузмановски.

Нашиот лидер не ги заборави фановите, уште еднаш им се заблагодари за нивната решителност да дојдат во голем број и да приредат незаборавна атмосфера.

„Голема благодарност до нашата публика, луѓето кои дојдоа во толку голем број, се чувствуваме исто како да се игра во Скопје. Мислам дека нашите учества на овие натпреварувања се празник за сите во Македонија, ја чувствуваме таа поддршка што ни создава позитивна атмосфера, навистина е прекрасно да се игра пред толкав број македонски навивачи и кога заедно ќе ја пееме химната, тоа е една посебна енергија. Унгарија и Холандија се поквалитетни селекции со нас, но на сите им покажавме дека бодрени од нашите верни навивачи можеме да се носиме со секој противник“. 

Кузмановски предупредува дека не смее да се потцени противникот. Мора да се одигра максимално за да дојдат до првата победа на овој шампионат.

„Имаме еден бод по првите две рунди, можеше и повеќе, но во секој случај сме задоволни од играта што ја прикажавме. Сега на ред е дуелот со Гвинеја, селекција што можеби е аутсајдер во групата, но што сигурно нема да ја потцениме. Знаеме колку е важно, ќе сториме се за да победиме и да се пласираме во следната фаза. Кога ќе споредиме европскиот ракомет и селекциите кои доаѓаат од Африка, има многу разлика, но ниту еден противник на светските првенства не смее да биде потценет бидејќи се има изборено со голема борба за билет на овој мундијал. Ние сме подготвени, секој што е овде сака да го даде максимумот за нашата држава и верувам дека ќе успееме да ја израдуваме Македонија“, вели нашиот капитен.

ПретходноЛегањес го шокира Атлетико Мадрид: Гризман промаши пенал за бод!
СледноИХФ го казни РФМ парично поради навивачите, ќе затвори дел од трибините за дуелот со Гвинеја