„Лакрдија“ од големи размери – вака накратко може да се опише вчерашниот меч во Вараждин меѓу Холандија и Македонија во рамките на второто коло на Светското првенство. На Кирил Лазаров и неговите момци не им беше дозволено спортски да се изборат за ново чудо на овој Мундијал.
За жал главната улога на теренот ја имаа данските судии, Мадс Хансен и Јеспер Мадсен. Создадоа вистински хаос на теренот, им го одземаа правото на нашите ракометари, кои одиграа уште еден лавовски меч, да потврдат дека Македонија има нови опасни борци. Токму овие двајца арбитри го диктираа темпото, недозволувајќи им на „црвено-жолтите“ да ги искористат своите шанси. Секој обид на Македонија да се врати резултатски беше санкциониран со црвени или жолти картони, седмерци во корист на противникот, исклучувања и долги напади за Холандија. Едноставно „фер-плеј“ за која што се залага ИХФ и која во светот на спортот е правило број еден, синоќа не постоеше.
Македонија повторно се најде на удар од страна на скандинавските земји на кои се чини им смета она што го поседува една мала земја од Балканот, а тоа е сплотеноста, достоинството, гордоста, индетитетот…
Историјата вели дека нема сила која може да го натера Македонецот да се откаже. Историјата вели дека по секој голем удар, ние Македонците се исправуваме и стануваме посилни. Историјата вели дека нашето мало парче земја има и ќе има борци, нешто што го потврдува со векови. Историјата вели дека ова мало парче земја не може да го раздели ниту една сила.
Македонија и на ова големо натпреварување покажа сплотеност, сите дишеме како едно. Она што ние го имаме на трибините во Вараждин Арената не се опишува со зборови, ги имаме најубавите бои во светот. Главната сила на македонската репрезентација е Фалангата, хемија која тешко може да се растури. Данските новинари пробаа да ги свртат Македонците еден против друг, но наидоа на Милан Лазаревски – Мечка. Битката е заедничка, фановите на трибините, ракометарите на теренот.
Вчера ни зададоа голем удар, но денеска Кирил Лазаров и неговите момци ќе се исправат, а утре ќе излезат на теренот, ќе покажат дека никој не може да ја обесхрабри Македонија, никој не може да го одземе правото да сонуваме за големи нешта. Ракометот е во нашата „ДНК“.