Македонија има право да биде горда, новата генерација на најдобриот национален тим го положи испитот. Им докажа на сите оние кои не веруваа дека има сили за високи дострели, а тоа е да биде на 30 секунди до победа против Унгарија, да игра рамо до рамо со Холандија (меч на кој беше дискутабилен поради судиите) и да ја оправда фаворитската улога против Гвинеја.
Со побед, реми и пораз, Македонија оди во главната рунда, а таму Милан Лазаревски – Мечка, најавува нови битки и победа.
„Дефинитивно добро беше оваа победа за да се крене моралот и духот на тимот. Можеби оваа победа не е толку убедлива колку што луѓето имаа претстава дека ќе биде, или ние имавме претстава дека ќе биде. Целиот меч и тек на мечот беше резултат на емотивната истрошеност од претходните два дуели кои можеа да имаат позитивен исход за нас доколку некои работи ни се поклопеа. Како и да е, целта е остварена, според мое скромно мислење нема да застанеме тука со победите. Мислам дека оваа победа со Гвинеја нема да е последна за нас на ова СП. Имаме информации дека нашите следни ривали не се во целосни состави, како Австрија и Катар, така што и тоа како гледаме шанси. Франција си е Франција, тој меч може да го искористиме за уживање. Атмосферата во Вараждин беше како да играме бараж со Фарски острови. Нашите навивачи ни дадоа голем елан, немаше да играме на ова ниво ако не беа тие“, изјави Милан Лазаревски по мечот.