Македонската ракометна репрезнетација запиша победа во последниот натпревар од групната фаза на Светското првенство. „Црвено-жолтите“ ја совладаа Гвинеја со 29-20 за прва радост на овој Мундијал и пласман во главната рунда што пак беше основна цел. По три меча Македонија запиша победа, реми и пораз. Она што е сигурно е дека на крајот ќе завршат на подобро место од пред две години на СП во Краков.
Кирил Лазаров на оваа средба не сметаше на Марко Митев, кој поради ситна повреда мораше да одмори.
Кузмановски со 12 гола беше прв стрелец, неверојатно добар беше Кизиќ запиша 14 одбрани.
Гвинеја се покажа како тежок противник, особено поради поразличниот стил на игра, па Македонија успеа да влезе во ритам во последните десет минути од првото полувреме кога на крилата на Марко Кизиќ (во првото полувреме запиша 6 одбрани) направи две серии. По последното водство на противникот од 6-7, следеше серија од три гола (Кузмановски, Ѓорѓиев и Костески), Македонија поведе со 9-7 во 22-та минута. Кизиќ влезе во серија од три одбрани, доволно за да нашата репрезентација во 27-та минута поведе со 13-8. Својот дебитански погодок го запиша и Валетин Карасманакис. На одморот беше 14-10.
Македонија продолжи во ист ритам и во второто полувреме. Со серија од 6-1 за кратко време поведоа со плус девет (20-11). Кизиќ продолжи во ист ритам (пет одбрани) беше одличен на голот, а во нападот беше многу полесно. Вакавата разлика ја разбуди и публиката која на момент беше тивка. Кузмановски со два гола седум метри на двапати зголеми на девет гола разлика (21-12 и 22-13) пред средината на првото полувреме.
По оваа предност беше јасно името на победникот, се чекаше само крајниот резултат.
Првиот натпревар во главната рунда, Македонија го игра 21. јануари, исто сите мечеви се играат во Вараждин Арена. Со оглед на тоа дека нашите момци овој дуел не го добија со потребната позитива да се надеваат на второто место во групата, во главната рунда одат од третото место.