Тимот на Бутел Скопје го освои трофејот на меморијалниот турнир „Горан Ченгиќ“ во Сараево, откако во драматично финале го совлада составот на Вогошча со 38-37, по ударите од седум метри.
Во регуларниот дел натпреварот заврши 30-30, иако Бутел тим можеше многу порано да го реши прашањето околу победникот. Водеше на паузата со 16-14, како и со шест гола во вториот дел, но упорната босанска екипа успеа до крајот да стигне до реми.
По првите пет пенали беше повторно нерешено, 33-33, па мораше нова тура удари од седум метри. Таму издоминираа голманите на Бутел Скопје, Бојан Блажески кој одбрани два пенала, како и Александар Стојаноски, кој го запре последниот удар на Фахрудин Мелиќ и нашата радост можеше да почне.
Филип Николов постигна дури 16 гола на овој натпревар, додека по пет пати во листата на стрелците се запишаа Дамјан Субашевски и Димитар Ѓеоргиевски.
Претходно во групната фаза, Бутел Скопје убедливо славеше против Босна Сараево, Рудар Плевља и Марибор.