Валентин Карасманакис е најмладиот ракометар во сениорскиот национален тим. Тој на 14. јануари наполни 20-години, а вчера против Гвинеја доби шанса да го почувствува мундијалскиот предизвик, не само што влезе во игра, тој и се запиша во листата на стрелци, момент кој нема да го заборави.
„Искрено, до пред неколку часа пред натпреварот не знаев дека ќе бидам во составот. Го правев она што се бараше од мене, тренирав напорно и тоа вроди со плод. Не можам да ја опишам гордоста, на 20 години да го облечеш дресот на Македонија, да играш на Светско првенство… Згора на тоа постигнав и гол во првиот обид, тоа е нешто што ќе го паметам додека сум жив. Среќен сум за своето деби, но уште повеќе за победата. Не ја потценивме Гвинеја, одигравме квалитетен натпревар и заслужено славевме и ја остваривме првата зацртана цел за овој шампионат – пласман во главната рунда“, изјави Валентин Карасманакис.
Македонија во главната фаза отвара против Австрија, мечот се игра утре во Вараждин Арена со почеток во 15:30 часот.