Раководството на Кошаркарската Федерација, Претседателот Перо Антиќ, Генералниот Секретар Владимир Георгиевски, Потпретседателот Димитар Ефтимовски и членот на Управниот Одбор Владимир Арсоски, денеска присуствуваа на состанок во Загреб, организиран од Кошаркарскиот Сојуз на Хрватска. Присутни беа и уште и претставници од Кошаркарските федерации на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Словенија.
На работниот состанок претставниците од Кошаркарските Федерации од регионот разговараа за клучните предизвици и можности за унапредување на кошарката во балканскиот регион и Европа. Главните заклучоци од средбата ја истакнаа потребата од поголем фокус на националните првенства, реформи во европските натпреварувања и решавање на предизвиците поврзани со системот на репрезентативни натпревари.
Потоа се зборуваше и за концептот на регионалните натпреварувања. Актуелната структура на регионалните лиги не дава доволна поддршка за развојот на домашните играчи. Националните лиги мора да бидат основа за напредок, заедно со напредокот кон европските натпреварувања. Заклучок е донесен дека потребна е реформа на европските клупски натпреварувања.
Европските клупски натпреварувања под надлежност на ФИБА Европа, како што се Лигата на шампионите (BCL) и ФИБА Европа Купот, се соочуваат со бројни предизвици, а клубовите од овие области ретко одлучуваат за овие натпреварувања, пред се поради недоволниот број на загарантирани натпревари на секој поединечен клуб и високите трошоци за учество. Во таа смисла, беше разгледана можноста за изнаоѓање на предлог-решенија заедно со ФИБА, кои би вклучиле регионализација на ФИБА Европа Купот во првиот дел од натпреварувањето со цел да се намалат трошоците и да се зголеми бројот на натпревари.
Репрезентативната кошарка се соочува со проблеми со постигнување на резултати и одржување на континуитет на настап поради отсуството на најдобрите играчи од Евролигата и НБА. Отсуството на систем за компензација за трансфер на играчи како во некои други спортови и нерешените предизвици како што е заминувањето на млади таленти на американските универзитети, па дури и американските средни училишта, беа идентификувани како еден од главните проблеми, а сето тоа бара реакција од ФИБА. Исто така, сегашниот формат на натпреварување, поточно Европските и Светските првенства на секои четири години, ја намалува видливоста на кошарката во однос на другите спортови со топка и нивните натпреварувачки системи, што негативно влијае на задржувањето на спонзорите и поттикнувањето на младите да спортуваат.
Последно, донесен е заклучок да националните федерации ќе имаат поактивен пристап во решавањето на сите горенаведени прашања, почнувајќи од заедничко дејствување кон ФИБА. Членовите на раководството на сите присутни здруженија се посветени на работа на решенија кои ќе обезбедат долгорочен развој на кошарката и ќе ја зголемат нејзината популарност на сите нивоа.