Нашите момци денеска ги чека нова тешка задача на Светското првенство. Прв противник во главната рунда е селекцијата на Австрија, дуелот е закажан со почеток во 15:30 часот.
Македонија во групната фаза покажа дека може да се носи со силни репрезентации, па токму тие игри, заедно со поддршката од публиката, се доволен мотив за продолжението на ова Светско првенство.
„После тешките мечеви од групната фаза се пласиравме во главната рунда каде не чекаат мечеви против Австрија, Катар и Франција. Првите средби се клучни за нас, играме против квалитетни репрезентации кои долго време се на светската ракометна сцена. Можеме да се надигруваме и со двете репрезентации бидејќи и ние имаме наши квалитети. За овој шампионат се подготвувавме максимално, одиме на победа.
Можеме да одговориме на игратата на Австрија. Знаеме дека се доста квалитетни, имаат искусни играчи и преферираат игра „седум на шест“. Но и тие имаат слабости, краткото време го искористивме за подготовка, ги анализиравме. Останува да играме исто како и на претходните мечеви, борбено од првата до последната минута“, изјави Мартин Велковски.