Автрија е првиот противник на македонската ракометна репрезентација во главната рунда на Светското првенство. Дуелот е закажан со почеток во 15:30 часот во Вараждин Арена.
Иако традицијата на меѓусебните пресметки е на страната на противникот, и на последната средба во 2020 година на Европското првенство славеа против „црвено-жолтите“ со имиња во составот како Лазаров, Стоилов, Ристовски…а сега ќе играат против новата генерација, сепак ракометарите и селекторот, Алеш Пајович, се претпазливи.
„Ја почитувам Македонија, тоа е репрезентација што се бори, што игра со срце и со карактер, исто како и моите момци. Знаеме дека нема да ни биде лесно, Македонците играат многу преку пивот, ќе мораме да бидеме внимателни од тој аспект. Ќе имаат и поддршка од трибините, видовме како тоа изгледаше во првата фаза, но ние мораме да останеме „кул“ и да ја играме нашата игра.
Немаме класичен играч што шутира со левата рака, тоа секогаш е незгодно, но Елијас Кефлер добро се снајде на таа позиција на претходните средби. Се надевам дека така и ќе продолжиме“, прокоментира селекторот на Австрија, Алеш Пајович.