Лазаров пред Австрија: Ќе биде тешко, но ќе се бориме! Се надеваме на поддршка од трибините!

524

Македонската ракометна репрезентација денеска го игра првиот меч од главната рунда на Светското првенство. Прв противник на селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци е Австрија, а ќе играат уште и против Катар и Франција.

Предводникот на нашиот најдобар национален тим е задоволен по добрите игри од групната фаза во која Македонија запиша реми, победа и пораз, но и предупредува дека овој состав има многу слаби страни, за кои ќе биде добро ракометарите да бидат свесни, а противниците да не ги откријат.

„Среќни сме и задоволни што одигравме квалитетна прва фаза и се пласиравме во главната ринда каде не очекуваат нови три натпревари против Австрија, Катар и Франција. Размислувавме и анализиравме, треба да бидеме задоволни, но исто време треба да бидеме свесни дека имаме наши слаби страни кои што ние ги знаме. Колку противникот поспоро ги открие толку ќе биде подобро за нас. Како што поминува првенството, доаѓаат уште посериозни репрезентации кои знаат што сакаат во секој момент од мечот.

Малку сум претпазлив. Како одите понапред патот е потежок. Од друга страна сме здоволни се направи добра атмосфера, добра кохезија, најважно е што се боревме, го дадовме максимумот. Можеби нашата борба заедно со нашите навивачи ги прикри тие наши слабости. Сакам да кажам дека има уште резерви, дали истите ќе успееме да ги подобриме ќе видиме.“, изјави Лазаров пред дуелот со Австрија.

Нашито селектор е претпазлив и покрај тоа што Австрија во составот ќе ги нема тројцата најдобри ракометари. Вели дека имаат систем кој одлично функционира во секој дел од мечот.

„Австрија е репрезентација која знае што сака во секој дел од мечот. Двајца важни играчи им повредени, што пак секако е плус за нас, ќе пробаме тоа да го искористиме. Но, без разлика на се, нивниот систем функционира во сите фази на ракометната игра и затоа сме доста претпазливи, се надевам дека подготвени ќе го дочекаме мечот.

Ќе биде тешко, исцрпно…Мора да бидеме физички и ментално спремни, треба да го одработиме мечот квалитетно“, коментира Лазаров.

Тој и сите момци се надеваат дека ќе имаат поддршка од трибините бидејќи на крилата на навивачите играат уште помотивирано и поборбено.

„Што се однесува до навивачите мора да ветиме дека ќе бидеме борбени, се надевам дека ќе дојдат и на овие средби, можеби не во толкав број како од групната фаза. Тие ќе бидат наша додадена вредност. Ние секогаш очекуваме победа, некогаш сме реални, некогаш не, затоа тренираме“. 

Дуелот меѓу Македонија и Австрија е закажан со почеток во 15:30 часот.

Претходно„Скокна“ цената на билетите за дуелите на Македонија во Вараждин!
СледноПерез де Варгас со фер-плеј потег, поништи црвен картон на противничкиот ракометар (ВИДЕО)