Македонската ракометна репрезентација на ова Светско првенство може да стави крај на една негативна серија. Од 2015 па наваму, Македонија нема победа против европска земја на четири шампионати, невклучувајќи го и овој бидејќи имаме шанса тоа да го сториме на стартот на главната рунда против Австрија.
Она што е доста интересено е што нашата репрезентација последен пат на СП славела токму против Австријците и тоа во групна фаза на Мундијалот во Катар (ја победивме претходно и Босна). По овој меч, во првиот дуел од нокаут фазата на СП 2015 во Катар следеше порз од Словенија со што почна негативниот тренд на резултати против европските земји на Мундијалите.
Во 2017 година, на СП во Франција, Македонија запиша реми против Исланд, а загуби од Словенија, Шпанија и во осминафиналето против Норвешка. Тогаш ги победи Тунис и Ангола.
Две години подоцна во Германија 2019 година, нашата репрезентација загуби од Шпанија, Исланд и Хрватска, а додека ги победи Јапонија и Бахреин, беше поразена и од Русија во Президент Купот.
На СП 2021 во Египет, Македонија дојде до победа само против Чиле, а беше поразена од Шведска, Египет, Словенија, Русија и од Белорусија.
Во 2023 година, Кирил Лазаров во Краков ја почна смената на генерација. Македонија беше поразена од Холандија, Норвешка и од Аргентина, додека во Президент купот беше подобра од Алжир, Мароко и Јужна Кореја, додека изгубивме од Тунис.
На ова Светско првенство, Македонија до сега успеа да и земе бод на Унгарија, беше поразена од Холандија, а ја победи Гвинеја. Денеска нашите момци ќе имаат шанса после долго време да запишат победа против една европска земја.