Филип Кузмановски се најде во две ситуации на оваа средба. Имаше шанса да ја донесе Македонија до ситуација на победа, но промаши од седум метри, а потоа на 3,8 секунди до крајот кога сите мислеа дека Австрија ќе ги однесе бодовите, испрати вистинска „бомба“ во мрежата на противникот за реми (29-29).
„На крајот можеме и да жалиме. Мислам дека денеска бевме поквалитетни од Австрија. Нема да споменуваме дека им недостасуваат играчи, гледаме само за нас. Денеска ние бевме спремни, но имавме проблем со нивниот напад „7 на 6“. Играат сигурно и трпеливо со последна шанса. Не е дека не бевме подготвени, но добро го играат тоа и ги решаваат ситуациите. Претходно имав пенал, можеби за победа, но сега треба да сме среќни што последниот шут заврши во голот. Покажавме уште една борбена игра, како треба да изгледа Македонија и како треба да изгледаме“, порача Кузмановски.