Еден од домаќините на Светското првенство, репрезентацијата на Хрватска не се ни испоти добро за да дојде до првата победа во втората фаза на Мундијалот. Денеска во Арената во Загреб, „коцкестите“ со високи 44:24 ја совладаа селекцијата на Зеленортските острови и дојдоа до 4 бода во рамките на новоформираната група.
Шоштариќ со 9 гола беше најефикасен кај домашните, додека кај селекцијата на Зеленортските острови Морено де Пина заврши со исто толку погодоци.
Многу поинтересно беше во Осло, каде вечерва видовме голема битка до последната секунда на дуелот меѓу Шведска и Португалија. Гледавме меч во кој ниту една од двете селекции немаше предност поголема од два гола разлика. На полувреме беше исто така нерешено 18:18, а ништо не се промени ниту во вториот дел. Швеѓаните влегоа со предност од еден гол во последната минута, но Португалија веднаш успеа да врати за конечни 37:37.
Легергрен со 7 гола беше најефикасен кај Швеѓаните, додека во составот на Португалија Фраде имаше исто така 7 гола.