Македонската ракометна репрезентација ја запиша втората победа на ова Светско првенство. Избраниците на Кирил Лазаров го совладаа Катар со 39-34 и сега се најдоа во комбинација за пласман од 13-то до 16-место, што пак би било нешто неверојатно.
Македонските ракометари уште еднаш покажаа како се игра за националниот дрес. Системот на Лазаров и тоа како вроди плод, а тоа сега покажа после две години, од она СП во Краков кога почна да се создава новата генерација.
Предводникот на нашиот најдобар национален тим има право да биде горд, свесен е дека треба да се корегираат многу работи, но овој Мундијал ќе биде додадена вредност во созревањето на сите.
„Честитки на момците за сето она што го прават за овој дрес. Тешко е на петти меч против квалитетен противник да имаш фокус, концентрација и борба. Секоја чест за сите играчи. Ние веруваме во она што го работиме, свесен сум дека имаме квалитет. Веруваме во системот, во поставеноста, во стратегијата. Се гледа дека собираме искуство, во неколку наврати ги вративме Катарците во мечот, но имаме една глава и опашка, честитки до играчите за нивната борба“, изјави Кирил Лазаров.