Македонската ракометна репрезентација на Мундијалот во Вараждин, Хрватска, ја оствари втората победа. Совладан е Катар, во дуел во кој имавме речиси перфектни шеесет минути. Функциониравме добро, од голман, преку одбрана до напад.
Голманите денеска беа на ниво. Марко Кизиќ имаше десет одбрани, Митревски мечот го заврши со пет.
„Пред се сакам да им честитам на сите за одличниот меч. Сите се заслужни за победата. Ние сме тим. Заедно со тренерот и Галевски. Сите се подготвуваме заедно. Некој е подобар денес, некој на некој друг меч. Второто полувреме имавме некоја разлика. Требаше истата да се одржи, и ја зголемивме дури. Доколку бевме посериозни во последните две до три минути мислам дека разликата можеше да биде и поголема. За во иднина тоа мора да го запомниме. Да го растураме противникот што се вели. Скандинавските селекции се експерти за тоа. Да, „убијат“ некого кога ќе се опушти“, беше првиот коментар на Митревски.
Искусниот голман се надева дека и против Франција ќе бидат на истото ниво како на претходните мечеви. Меѓу другото вели дека овој потенцијал мора да се надоградува.
„Се надевам дека следниот меч против Франција, ќе бидеме на нашето ниво и ќе се бориме до крај. Катарците споро се враќаат во одбрана. Подготвивме тактика за нивната одбрана. Чекор напред сме од претходните турнири кога станува збор за играта, во смисла, на колектив, во смисла на организација. Само пред два месеци загубивме од Литванија. Одиме чекор по чекор. Оваа селекција има уште многу што да научи за да се носиме со најдобрите четири пет селекции во светот. Имаме потенцијал, но само со верба и работа, можеме да стигнеме онаму каде што сакаме. На пример една Португалија игра одличен ракомет, а ништо не се подобри од нас. Со стекнато искуство, оваа селекција на следните турнири ќе биде уште подобра“, изјави голманот Митревски по мечот.