Франција нема пораз на Светското првенство, со максимални осум бода и веќе заверен билет за четвртфиналето влегува на дуелот со Македонија, последен од главната рунда во групата 2. Мечот се игра утре со почеток во 20:30 часот.
Македонија на последното Европско првенство можеше на дело да ја почувствува силата на оваа селекција. Иако Франција влегува како голем фаворит, сепак ракометарите и тренерот гледаат со голема внимателност.
„Нема да потцениме никого на овој шампионат, Македонија игра добар ракомет и сигурно не смееме да помислиме дека ќе ни биде лесно. Се среќаваме со селекција што има свои силни страни, што ќе мораме да ги неутрализираме“, вели Карл Конан, специјалецот за игра во дефанзива на повеќекратниот светски шампион.
Слично на него размислува и селекторот, Гилјом Жил, кој вели дека нивната цел е да одиграат максимално.
„Нема да мислиме премногу далеку, за четвртфиналето кога пред нас е Македонија. Наша цел е да одиграме максимално, особено ако се знае дека имаме ракометари кои се враќаат од повреди и им треба минутажа за да влезат во ритам. Полека, но сигурно ја креваме формата, но најважно е што почнавме да покажуваме за што сме способни“, изјави селекторот Гилјом Жил.