НБА ги објави стартните петорки за Ол-Стар натпреварот

405

НБА лигата синоќа ги објави стартните петорки за „Мечот на ѕвездите“ во НБА лигата оваа година. Српскиот центар Никола Јокиќ е избран за стартер на претстојниот Ол-стар натпревар во Сан Франциско. Тој по седмипат ќе учествува на Ол-стар натпреварот кој е закажан за ноќта меѓу 16 и 17 февруари. Покрај него, за стартери се избрани Леброн Џејмс од Лос Анџелес Лејкерс, кој ќе учествува на Ол-стар натпреварот по рекорден 21 пат, Шеи Гилџес-Александер од Оклахома Сити, Стивен Кари од Голден Стејт и Кевин Дурант од Феникс, како дел од Западната конференција.

Номинираните стартери во Источната конференција се Јанис Адетокумбо од Милвоки, кој доби најмногу гласови од навивачите втора година по ред, Карл-Ентони Таунс и Џејлен Бренсон од Њујорк, Донован Мичел од Кливленд и Џејсон Тејтум од Бостон.

Стартерите беа избрани врз основа на 50 отсто гласови на навивачите, 25 отсто гласови на медиумите и 25 отсто гласови на играчите. Останатите 14 учесници на Ол-стар ќе бидат избрани од тренерите, а одлуката ќе биде објавена на 30 јануари.

Почнувајќи од оваа година, Ол-стар натпреварот ќе има нов формат, со три одиграни натпревари, 24 играчи поделени во три тима, а избрани од Шекил О’Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит. Четвртиот тим ќе го сочинуваат дебитанти и играчи од турнирот „Ѕвезди во подем“. Ќе се одиграат два полуфинални натпревари, а победниците ќе играат во финалето. Натпреварите ќе се одвиваат со брзо темпо, бидејќи победник ќе биде тимот што ќе постигне прв 40 поени.

ПретходноКои две сценарија ја водат Македонија во четвртфинале?
СледноКостески: Македонија треба да се радува, одигравме одлично првенство!