Кошаркарската Федерација на Македонија по повод инцидентите во рамките од 14. коло од домашниот шампионат, изрече неколку дисциплински и парични казни.
Во прв ред, тоа е тимот на Работнички кој следниот меч ќе го игра без публика поради суспензија на домашен терен. Тимот од Дебар Маало ќе плати казна од 53.600 денари, а подетално, 9600 денари за две технички грешки на Ефремовски, 16.000 денари за фрлање пиротехнички средства на терен, 8000 денари за неспортско и навредливо навивање, 20.000 денари за прекин подолг од пет минути, предизвикан од навивачи. Покрај сето тоа, повторно е суспендиран теренот на Работнички, и тимот следниот меч ќе го игра без публика.
Казна и за тимот на МЗТ Скопје кој ќе треба да плати 30.000 денари.
Од друга страна пак, тимот на ТФТ ќе плати казна од 87.400 денари поради три причини. 80.000 денари тимот од Тафталиџе ќе плати поради четири технички грешки, и тепачка меѓу двајца свои соиграчи. Искусниот Едис Нури и американецот Дејвид Хотон, се степале во финишот на натпреварот од ова коло. Иван Сапунџиев доби казна од 6400 денари, додека Говенс беше казнет со 1000 денари.