Македонската јавност може да биде мирна кога станува збор за репрезентативниот ракомет. Од Вараждин е испратена најважната порака – Македонија има нови момци – борци.
Испишаа вистинска „бајка“ на Светското првенство, тргнаа скромно, најавувајќи максимална битка на теренот. Се најдоа во друштво на далеку поквалитетни противници, но одиграа како зад себе да имаат многу вакви првенства.
Трендот на храбра игра продолжи и вчера против Катар, Македонија дојде до втората победа во петтиот натпревар на овој Мундијал.
„Да бидам искрен, се подготвувамвме иако немавме доволно време. Сите верувавме во победа и ја посакувавме, а на крајот успеавме да ја реализираме целта. Многу сме среќни и задоволни, мислам дека Македонија навистина може да се радува бидејќи играме едно одлично првенство досега. Игравме добар меч, дадовме доста голови и стануваме препознатливи по тој брз центар. Мислам дека во тоа го добивме овој натпревар“, изјави Ненад Костески.
Македонија денеска е слободна, утре го игра последниот натпревар од главната рунда за противник ја има селекцијата на Франција.