НБА лигата синоќа ги објави стартните петорки за „Мечот на ѕвездите“ во НБА лигата оваа година. Српскиот центар Никола Јокиќ е избран за стартер на претстојниот Ол-стар натпревар во Сан Франциско. Тој по седмипат ќе учествува на Ол-стар натпреварот кој е закажан за ноќта меѓу 16 и 17 февруари. Покрај него, за стартери се избрани Леброн Џејмс од Лос Анџелес Лејкерс, кој ќе учествува на Ол-стар натпреварот по рекорден 21 пат, Шеи Гилџес-Александер од Оклахома Сити, Стивен Кари од Голден Стејт и Кевин Дурант од Феникс, како дел од Западната конференција.
Номинираните стартери во Источната конференција се Јанис Адетокумбо од Милвоки, кој доби најмногу гласови од навивачите втора година по ред, Карл-Ентони Таунс и Џејлен Бренсон од Њујорк, Донован Мичел од Кливленд и Џејсон Тејтум од Бостон.
Стартерите беа избрани врз основа на 50 отсто гласови на навивачите, 25 отсто гласови на медиумите и 25 отсто гласови на играчите. Останатите 14 учесници на Ол-стар ќе бидат избрани од тренерите, а одлуката ќе биде објавена на 30 јануари.
Почнувајќи од оваа година, Ол-стар натпреварот ќе има нов формат, со три одиграни натпревари, 24 играчи поделени во три тима, а избрани од Шекил О’Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит. Четвртиот тим ќе го сочинуваат дебитанти и играчи од турнирот „Ѕвезди во подем“. Ќе се одиграат два полуфинални натпревари, а победниците ќе играат во финалето. Натпреварите ќе се одвиваат со брзо темпо, бидејќи победник ќе биде тимот што ќе постигне прв 40 поени.