Марко Кизиќ го игра првото Светско првенство во својата кариера. Тој ја оправда довербата да биде дел од националниот тим на овој Мундијал, максимално ја користеше секоја шанса. Против Катар запиша 11 одбрани во првото полувреме.
И тој како сите останати во тимот исто размислува кога станува збор за денешниот дуел со Франција (20:30 часот), последен од главната рунда на СП.
„Ова Светско првенство е посебно за мене, бидејќи е прво во мојата кариера, а воедно го прославив роденденот. За Франција не треба да се трошат зборови, знаеме против кого играме и за каква репрезентација станува збор. Не треба да ги прецениме, треба да уживаме и да влеземе борбено. Нема да се предадеме, треба да играме за победа, дали тоа ќе биде доволно ќе видиме на крајот“, вели Кизиќ.
Атмосферата во Вараждин Арена од групната фаза никој не може да ја заборви, најмалку ракометари кои им се бладарни на сите за поддршката која ја добиваат во текот на овој Мундијал.
„Ни недостасува атмосферата од групната фаза, но разбирливо дека првенството е долго. Им благодариме на сите за поддршка, фановите од трибините и тие пред малите ТВ-екрани ни дава дополнителен мотив да се бориме повеќе и да постигнеме добри резултати“, изјави Марко Кизиќ.