Предводникот на нашиот национален тим, Кирил Лазаров и неговите момци за крај на главната рунда на Светското првенство го имаат најтешкиот противник, Франција. Мечот е закажан со почеток во 20:30 часот.
Нашите момци се свесни за нивниот квалитет и силата, затоа во текот на вчерашниот ден повеќе одмараа за да можат да му парираат на тимот, кој на ова Светското првенство заедно со Данска важат за главни фаворити за златниот медал.
„Јас би можел да кажам дека ова ни е најлесниот, не најтешкиот меч за нас на овој мундијал. Знаеме против кого ќе играме, тие заедно со Данска се двете најдобри светски репрезентации во последните десетина години, ние влегуваме во натпреварот свесни дека немаме што да загубиме, вчерашниот ден момците добија тотален одмор бидејќи ако нешто ни биде потребно со Франција, тоа е сила за да се носиме со Французите. Ќе се обидеме да му парираме на противникот, секако онолку колку што ќе ни биде дозволено бидејќи Франција е една навистина силна репрезентација, која е добра во дуел, многу трча и има 16 подеднакво квалитетни ракометари со што диктира темпо“, изјави Кирил Лазаров.
За оваа средба Лазаров бара само едно од неговите момци, да не покажат преголем респрект, кој би можел да има контра-ефект. Најважно е да веруваат во она што го играат, во она што го тренираа во изминатиот период.
„Како селектор ќе барам од нашите момци да не покажат преголем респект, секако дека ние многу го почитуваме денешниот ривал, но треба да научиме како да играме со големи репрезентации, да не ги респектираме премногу, да не ги гледаме како се загреваат, едноставно да се посветиме самите на себе, да веруваме во нашиот систем, во она што го тренираме и го играме и да се обидеме да стигнеме до што подобар резултат“.
Можеби сите се надеваме дека Франција ќе излезе со вториот тим, но тоа пак не треба да радува бидејќи сите кои ќе бидат на списокот, па дури и оние кои помалку играат се еднакво квалитетни и ќе бидат дополнително мотивирани. Затоа Лазаров од неговите момци ќе бара да не се предаваат, да се борат, да видат дали сето тоа ќе биде доволно за да се одигра добар меч против една Франција која веќе заври место во 1/4 финалето.
„Од она што можев да го видам, Французите се опасни од сите позиции, шутираат и надвор од 12 метри… пред нас е интересен дуел, треба да се одмориме и да излеземе на терен и да го дадеме максимумот. Се надевам дека можеби малку ќе не потценат бидејќи веќе се во главна фаза, но познавајќи го нивниот систем знам дека нивната национална селекција е светост и тешко се влегува во репрезентацијата. Можеби од тој аспект би било подобро да играат со првата постава против нас, бидејќи оние резервни ракометари сигурно ќе бидат уште помотивирани да дадат се од себе и да го задржат репрезентативниот статус.
Јас сум задоволен од нашите момци, од се што покажавме на ова СП и очекувам за крај да покажеме уште еден добар меч, но се ќе зависи од тоа колку ќе ни дозволи противникот. Јас верувам во добра наша претстава, нема да се предадеме, ќе се бориме, а ќе се видиме до каде ќе не доведе тоа борење и непредавање, да видиме до каде сме против една од двете најдобри селекции во светот“, додаде нашиот предводник.