Од Вараждин 2009 до Вараждин 2025 година. До стартот на Светското првенство бевме носталгични за минатото, се присетувавме на деновите кога ракометната репрезентација на крилата на сега веќе „пензионираните“ играчи ја радуваше нацијата, прегледувавме видео-записи, сонувајќи за тие денови…
Постојано се прашвувавме дали повторно ќе ја почувствуваме таа уникатна среќа и радост, дали срцата повторно ќе ни заиграат, дали овие момци ќе успеат да не фрлат во транс, дали на трибините ќе биде поеднакво како пред 16 години, дали во фокусот и овој јануари ќе биде ракометот, дали новинарското перо ќе испише нови страници во ракометната историја.
Кирил Лазаров и неговите момци скромно пристигнаа во Вараждин. Од првиот ден најавија борба, испратија порака до светот дека малата земја од Балканот има нови борци. Иако потенцираа дека многу се подготвуваа за овој шампионат, сепак сите гледавме со мала доза на резерва, бидејќи во групната фаза ги чекаше пеколно тешка задача, дуелите против Унгарија и Холандија на стартот.
Од фан-зоната на македонската „Фаланга“ стигна најава дека во Вараждин Арена ќе доминира само една боја – „црвено-жолтата“. Свесни дека е нова генерација, страсните навивачи ги запалија автомобилите, дел дојдоа со автобуси и одлучија од лице место да ги бодрат ракометарите. И никој не зажали.
Лазаров и неговиот стручен штаб направија „ѓаволски“ добра работа. Македонија против Унгарија играше совршено како никогаш до сега, јас би рекла докторска дисертација. Беше на чекор до победа, но тоа неискуство на крајот донесе реми. И тука не застанаа нашите момци, против Холандија данските судии не им дозволија да победат, ниту да дојдат до реми, а „шлагот“ дојде против Гвинеја кога ја запишаа првата победа за пласман во главната рунда.
И кога сите помисливме дека тука ќе заврши се, следеше нов бран на лавовска битка. Против Австрија реми, победа против Катар, овие момци го сторија она што не успеаја и нивните претходници, да освојат три бода во главната рунда.
Во Вараждин се роди Нова Македонија. Нема да издојувам никого зошто сите кои се најдоа на списокот на Лазаров, сите заслужуваат честитки, бидејќи сите беа долго време без своите семејства и секоја минута ја посветија на Македонија, на светиот дрес.
Пласманот на 15-место на овој шампионат е повеќе од одличен, иако кај сите се чувствува мала тага за пропуштените шанси кои носеа место во четвртфинале.
Што видовме на ова Светско првенство?
-Битка до последната капка пот. Тимска игра и сплотеност. На никого не му беше грижа колку голови ќе даде или колку одбрани ќе запише, важна беше Македонија. Кога се грешеше – поддршката веднаш доаѓаше. Единствен кој можеше да им замери на играчите беше – селекторот. Гласот на Лазаров ја имаше потребната тежина.
-Македонија доби нов лик, сите оние кои допатуваа на ова Светско првенство изградија свој стил, не треба да ги споредуваме со нивните претходници бидејќи тие веќе имаат сопствен индентитет.
-Достојна, уште поамбициозна и дрска – генерација што знае што сака и „деца“ кои не се плашат од никого. Деца кои знаат да гинат за националниот дрес и деца кои одат максимално за посакуваната цел и победа на секој натпревар, иако имаат играчи и силни тимови наспроти себе.
-Видовме дека за вако првенство, со состав во кој доминираат неискусните од искусни ракометари, му треба време за созревање и најважно поддршка, и секако селектор во ликот на Кирил Лазаров, кој уште од стартот пред превземњето на репрезентацијата имаше точна визија и мисија, само бараше малку трпение.
-Видовме дека обедината Македонија на трибините, на теренот и пред ТВ-екраните може да урне секого.
-Се уверивме дека иднината ни е светла, но истата мора да се негува. Мора да се поздрави секој кој што ќе работи за доброто на македонскиот ракомет, ќе вложува во секој македонските ракометари, кои ќе добијат поважно место од странците. Само вака ќе можеме да чекориме по вистинскиот пат.
-Во Вараждин повторно бевме горди Македонци, чувството беше одлично бидејќи сите со респект ги гледаа играчите, па и нас новинарите.
-Единствена црна дамка ќе остане домаќинот. Македонската фаланга која и овој пат добро го наполни буџетот на градот домаќин Вараждин, наиде на ладен однос од страна на организаторот, после дуелот со Холандија, дури и мали дечиња и жени беа претресувани дрско. Ниту ние новинарите имавме добри услови за работа…Нека им служи на чест.
Македонија во иднина ќе ја гледаат со поинакви „очи“, но како што најави Лазаров – тоа е сладок проблем за стручниот штаб.
Приказната од Вараждин нека продолжи и во следните месеци, години…