Со победата над Зеленортските Острови од 31:24, ракометарите на Египет и официјално го потврдија своето место во четвртфиналето на светското првенство. Вечерва во Загреб, Египќаните ја оправдаа улогата на фаворити и на крајот ја остварија посакуваната победа.
Јахија Омар беше неверојатен и на оваа средба постигнувајќи 11 гола за Египет, додека кај противничката селекција Де Пиња беше најефикасен со 6 погодоци. Вториот патник во четвртфиналето од оваа група ќе биде познат по последниот дуел вечерва меѓу Хрватска и Словенија. Ако Хрватите победат, ќе им се приклучат на Египќаните во елиминациската фаза, но ако загубат во четвртфиналето ќе оди Исланд.
Во групата „3“, Бразил по голема битка ја совлада Шпанија со 26:25 и потврди дека не случајно заедно со Португалија од оваа група ќе одат во четвртфиналето. Кај Бразил вечерва Хакбарт со 6 гола беше најефикасен.