Реал Мадрид во последно време почна да игра како што му доликува на најголемиот клуб, на најспектакуларниот тим во светот. Факт е дека “кралевите“ се во добра форма, посебно во нападот.
Синоќа Реал Мадрид на гости успеа да го победи Ваљадолид со 0:3 и тоа со трите гола на спектакуларниот Килијан Мбапе.
Со оваа победа од 0:3 на гости, Реал направи нешто што го немаше направено цели 64 години и тоа од времето кога во нападот, покрај другите, беше и легендарниот Алфредо Ди Стефано во таа сезона 1960/61.
Имено сега четата на Дон Карло Анчелоти има во низа 13 меча на кои постигнува по најмалку два гола. Тоа е тој рекорд што сегашниот Реал го израмни.
Инаку на овие тринаесет меча “кралевите“ вкупно постигнале 45 голови. Од тие 12 се дело на Килијан Мбапе, Родриго постигна осум, Винисиус и Белингем по петпати се запишаа во листата на стрелците, додека Валверде стрелаше четири пати…