Ракометната федерација на Македонија не го крие задоволството од настапот на нашата машка сениорска ракометна репрезентација на Светското првенство. По одигрувањето на последниот меч со Франција, нашите момци ги завршија настапите на Мундијалот, а РФМ со објава на социјалните мрежи го искажа своето задоволство од настапот на нашите момци.
„Нашето мундијалско патување заврши, со насмевки и исполнети срца го напуштивме Вараждин. Македонија треба да биде горда, бидејќи има светла ракометна иднина. Машката ракометна репрезентација на Македонија во конкуренција на 32 селекции го освои 15. место на Светското првенство. Шампионатот го заврши со две победи (Катар и Гвинеја), две ремија (Унгарија и Австрија) и два порази (Холандија и Франција). Честитки до ракометарите и до стручниот штаб за одличните игри против силните противници. Видовме борбена и храбра игра. Нашите момци покажаа како треба да се игра за националниот дрес. Македонската репрезентација доби нов лик, новата генерација изгради сопствен идентитет. Процесот на смена на генерацијата не беше лесен, но трпеливо чекоревме кон градење на цврсти темели за нови успеси во спортот број еден во Македонија. Голема благодарност до сите кои дел од оваа мундијалска приказна, секоја ваша поддршка беше мотив плус на теренот. Само сплотени можеме да придонесеме за подобро утре“, се вели во објавата на РФМ.