Нашите ракометари имаат право на задоволство. Зад нив е одличен настап на Светското првенство, Македонија ќе заврши на 15-место. И не само рангирање, туку во преден план е играта која ја видовме во Вараждин Арена на сите шест меча, вклучувајќи го и мечот против Франција.
Ракометарите покажаа борбеност, одлучност и карактер, во ниту еден момент не потклекнаа, лавовски одиграа за Македонија. Томи Јагуриновски вели дека сите се трудеа од првенство до првенство да биде подобро, верува и посакува, и во иднина да ја радуваат Македонија.
„Се разбира дека ова беше голем предизвик за нас, со оглед на резултатите од минатите првенства. Франција беше тежок меч за играње, се работи за селекција која на секое првенство игра за медал. Сакам на сите да им честитам на играта и се надевам дека на следните настани ќе ја радуваме Македонија уште повеќе. Ќе ги паметам сите натпревари, со Австрија, Унгарија, Катар… сите ќе ми останат во добро сеќавање, како една позитивна работа за сите нас. Имаше мал период во кој не бевме толку добри за да ги задоволиме сите, но се трудиме да бидеме на ниво од првенство во првенство и да бидеме се подобри“, вели Јагуриновски.