Ненад Трајковиќ имаше победничко деби на клупата на Пелистер откако битолчани со фантастичен пресврт стигнаа до бодовите на дуелот со Гостивар. Според стратегот, двете дијаметрално спротивни полувремиња може да се гледаат и како позитивна работа, за да се утврди правецот по кој Пелистер мора да тргне од наредниот натпревар, па се до крајот на сезоната.
„Дуелот со Гостивар донесе и притисок, мислам дека кај кошаркарите постоеше голема желба да се докажат во целата ситуација, пред новиот тренер да покажат дека се квалитетни, подобри од она што го прикажуваа во изминатиот период. Тоа донесе притисок, тензија и грешки од наша страна, но успеавме да се вратиме, во второто полувреме ја сменивме одбраната и тоа ни донесе резултат. Начинот на кој одговоривме, примивме само 23 поени во второто полувреме, покажа дека кошкарите имаат и квалитет и карактер. Оваа победа многу ми значи на мене, но и на сите играчи, да увидат дека можат да се вратат. Можеби е и добро што дуелот со Гостивар течеше така, со слаба одбрана и толку многу примени поени во првото полувреме, да се види – еве вака беше досега…. а потоа во вториот дел покажавме како може да игра Пелистер и да победува. Ги видовме двете варијанти, се надевам дека во иднина ќе одиме по овој вториот пат што ни ја донесе победата“, изјави шефот на стручниот штаб на Пелистер.