По завешувањето на 29-то Светско првенство се уште ги собираме впечатоците, но и се прават анализи за настапот на македонската ракометна репрезентација. Кирил Лазаров и неговите момци завршија на 15-место во конкуренција на 32 земји. Крајниот пласман не плени толку многу, иако истиот е фантастичен, она што останува е дека новата генерација одигра фантастичен шампионат. Излезе исправено против сите противници, а беа доста силни и поквалитетни, покажа победнички менталитет.
Ракометот од ден во ден се менува, веќе долго време добитната формула за успех е брзата игра. Нешто на што и Кирил Лазаров синоќа се наврати во студиото на МРТ. Тој испрати апел до македонските клубови заедно да работат за подобро утре на националниот тим. Овој пат Македонија настапи со ракометари кои играат во домашното првенство, па токму затоа тој има едно барање до сите нив.
„Добро го испративме Светското првенство, со оглед на тоа играчите беа само од македонската лига, имам една забелешка за која во иднина ќе мора да водиме сметка. Анализите покажуваат дека просечниот напад на една репрезентација од Топ 10 трае околу 30 секунди, додека во послабите репрезентации тој е 45 секунди.
Во нашето првенство имаме напад кој трае 1:15 или 1:45. Мора ова да се промени и сите да помогнат за да ракометари го издржат ритамот на еден ваков силен турнир. Македонија одигра шест меча, последниот беше со Франција и можам да кажам дека добро издржавме.
Но, да не заборавиме се тргнува од клубовите, нашите репрезентативци доаѓаат и ќе доаѓаат од македонската лига бидејќи е квалитетна. Физичката кондиција не се стекнува преку ноќ, па затоа апелирам сега во време кога ни растат апетите и амбициите, во време кога создадовме квалитетен производ, сите да работат на прилагодување на трендот – брз ракомет. Да се посвети внимание на репрезентативците во делот на кондиција во иднина, но и самите играчи кои го носат националниот дрес да вложуваат во себе за да го издржат физичкиот предизик на големите натпреварувања. Нападот кој трае 1:30 да биде минато. Ние пред првенствата се подготвуваме за ритамот на истите, но нема доволно време целосно да се надокнади физичката подготвеност. Затоа ќе мора сите заедно да придонесеме за спорт број еден во Македонија“, рече Лазаров.