Кога си втор во светот и тоа пред една Франција, Германија, Норвешка, Шведска, Шпанија и други ракометни сили, тогаш имаш право и да се пуваш што би рекле ние.
Имено вчера медиумите во Хрватска со посебна гордост истакнуваа дека нивната земја е најголемото спортско чудо во светот и дека само нивната земја од 194 регистрирани во Обединетите Нации, во моментов има важечки медали од СП во три спортови.
И тоа бронза од СП во фудбал во Катар, злато од СП во ватерполо и сега сребро од СП во ракомет.
Тука некаде е и Франција која држи сребро во фудбал и бронза во ракомет, но само Хрватска била спортско чудо.
Јасно е дека ова е фантастичен скор за земја од нешто повеќе од 4 милиони жители, јасно е дека во моментов тоа е тоа, но за разлика од фудбалот, дали може да се каже дека ракометот а посебно ватерполото се планетарни големи спортови.
Да има медал и од кошарката, е тогаш тоа ќе биде навистина чудо, а ватерполо играат, се разбира квалитетно, не повеќе од 15-20 земји во светот.
Во секој случај и ова е фантастичен успех на “малата Хрватска“.
Останатите можеме само да им завидуваме на Хрватите.