Њукасл вечерва слави. Популарните „страчки“ и вторпат го совладаа Арсенал во полуфиналето на Лига Купот и обезбедија пласман во големото финале.
Во првиот натпревар од полуфиналето, Њукасл изненади совладувајќи го Арсенал со 2-0 на гостински терен, а вечерва со истиот резултат го потврди пласманот во големото финале.
Веќе во четвртата минута од натпреварот ги видовме првите возбудувања кога Александар Исак погоди, но голот беше поништен поради офсајд. Само една минута подоцна Њукасл дојде во водство. Исак ја погоди левата статива, топката се одби до Џејкоб Марфи кој немаше тешка задача и погоди во празна мрежа.
Во 53. минута Ентони Гордон по грешката на Давид Раја, погоди и за 2:0, со што го потврди пласманот на Њукасл во финалниот меч.
„Страчките“ во финалето за ривал ќе го имаат победникот од двомечот Ливерпул – Тотенхем. Реваншот од тој натпревар се игра утре од 21 часот, а Тотенхем влегува со предност од 1:0 од првиот меч.