Македонската фудбалска репрезентација до 21. година во септември ќе ги стартува квалификациите за следниот Европски шампионат. Вчера во Нион беше извлечена групата во која што покрај Македонија уште се и Полска, Шведска, Ерменија, Црна Гора и фаворитот Италија.
По стартното гостување кај Полска, Македонија својот прв домашен дуел ќе го одигра токму против Азурите. Од фудбалската федерација на Македонија пак денеска доаѓа информацијата дека тој меч, а и сите останати кои ќе ги играме на домашен терен, да ги играме во Битола, на стадионот „Петар Милошевски“.
Ова денеска е одлучено на заедничкиот состанок кој што претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ го имаше со претставниците на ФК Пелистер, односно водечките луѓе на фудбалот во Битола, Митко Стојковски, Тони Мицевски, Сашо Здравески и Ванчо Мицевски.