Македонскиот репрезентативец и интернационалец Бојан Димоски е нов играч на белградски Партизан.Дефанзивецот со офанзивни карактеристики е во Белград и денеска ќе ги обави лекарските прегледи, по што и официјално ќе биде промовиран како нов играч на „црно – белите“.
Досега Димоски беше член на рускиот тим Акрон Тољати, па за него Партизан мораше да плати и отштета секако.
Спортспорт дознава дека Димоски го чини великанот од Белград, 250.000 евра. Димоски ја продолжува низата на македонски интернационалци кои што во Белград односно Партизан одработија дел од својата кариера.
Да не ги редиме сите македонски фудбалски великани кои што го носеа „црно – белиот“ дрес, но ќе напоменеме само неколку. Од Благој Истатов, Никица Клинчарски, Ѓорги Христов, Милко Ѓуровски… и ред други, нека не ни замерат останатите ги има многу.
Димоски е стандарден член на нашата А репрезентација, а е секако и поранешен младински репрезентативец. Стартуваше во Тетекс, па преку Вардар односно Брера, замина во Русија.