Алкалоид дојде до нови бодови и ја задржа лидерската позиција во Супер-лигата. Избраниците на Кирил Лазаров без проблем го совладаа тимот на Струга со 14-38 (5-17) во рамките на 17-то коло. За Алкалоид ова беше 16-та победа оваа сезона. Имаат два бода повеќе од Пелистер и Вардар 1961.
За одбележување е кам-бекот на Дамјан Митев, кој го одигра првиот меч оваа сезона после повредата и постигна три гола. Во составот го немаше Марко Митев, кој доби дополнителен одмор. Прв стрелец беше Ивановски, кој во своето деби запиша шест погодоци, додека Ѓорѓиев имаше пет гола. Кај поразениот состав, Пајкоски имаше пет гола.
Стружани успеаја да парираат само на стартот, отворија со 3-1, по што контролата на водството ја превзема скопскиот состав. Веќе во 24-та минута, Алкалоид имаше двоцифрени 4-15, на одморот резултатот беше 5-17.
До крајот не се промени ништо, момците на Лазаров доминираа на теренот, на крајот заслужено се радуваа. На другата страна Струга го запиша 14 пораз, има и три победи.
ГРК Охрид лесно против аутсајдерот
И ГРК Охрид мина според планот ова коло, беше подобар од Борец со 29-35. Иако на стартот велешани даваа силен отпор и водеа со три гола разлика (6-3, 7-4 и 8-5), сепак гостите пред одморот го свртеа резултатот во своја корист и дојдоа до предност од 14-18. Во продолжение ритамот остана ист, со тоа што охриѓани само ја зголемуваа позитивата.
Јотиќ постигна седум гола кај победникот, по пет имаа Јукич, Пешиќ и Ојлески. На другата страна по четири погодоци имаа Черубим, Миланов и Петров.
И Вардар со целиот плен
Уште еден меч заврши според очекувано сценарио. Вардар 1961 го доби скопското дерби против Пролет славеше на гостински терен со 29-34 (14-15). Овој меч почна со минута молк во чест на прерано починатиот Александар Јовиќ.
Лазаревски имаше седум гола, Петриќ шест кај победникот, во редовите на домашниот тим Палевски и Стојановски имаа шест гола.
„Црвено-црните“ тргнаа убедливо поведоа со 5-10, па со 7-13. На другата страна домаќинот во вториот дел од првото полувреме најде начин како да се врати, со серија од 4-0 на одморот намали на еден гол разлика (14-15). Сепак во вториот дел до израз дојде разликата во квалитет, која е на страна на Вардар 1961, брзо набилда нова позитива и мирно го дочека финишот.
Никола Матлиески, новиот тренер на Пролет, првата победа во кам-бекот на клупата на овој тим ќе ја бара на следниот натпревар.