Вечерва се одиграа уште два натпревари од 17.коло во домашниот кошаркарски шампионат. Тиквеш со 106:92 успеа да го победи Шкупи. Во еден ефикасен меч кавадарчани беа подобри и заслужено славеа победа против составот од Скопје.
Гостите во првата фаза од мечот беа подобри, ја добија првата четвртина, но Тиквеш се врати во втората а во третата и тоа како зададе удар со 33:14 и се чини дека тука го реши прашањето околу победникот.
Најефикасни на средбата беа Сила кај гостите со 38 поени и Глигоријевиќ кај Тиквеш со 28 поени.
На вториот меч вечерва МКК Куманово како домаќин убедливо го победи Кожув со 99:69.
Во текот на целиот меч кумановци беа тие кои ги контролираа настаните на теренот. Беа за класи подобри, знаеја што сакаат и знаеја како да дојдат до победата.
На крајот и убедливо дојдоа до неа. Посебно импресионираа во третиот период кога истиот го добија со +14 поени разлика.
Со оваа победа МКК Куманово има 11 триумфи и шест порази во 17-те досегашни натревари, додека гевгеличани го забележаа седмиот пораз во тековната сезона.
Што се однесува до поентерите Луковиќ кај домашните постигна 19 поени, додека кај гостите најефикасен беше Стевановиќ со 14 поени.