Помина една недела откако Лука Дончиќ беше трејдуван од Далас во ЛА Лејкерс, но шокот се уште не стивнува бидејќи Маверикс по сопствена одлука ја отпуштија 25-годишната суперѕвезда за која сите мислеа дека целата своја НБА кариера ќе ја помине во клубот во кој ја започна.
За прв пат по сензационалниот трејд, јавно прокоментира Марк Кубан, поранешниот сопственик на Маверикс, кој неодамна го продаде клубот по повеќе од 20 години на чело. Познатиот претприемач и милијардер, кој го донесе Дончиќ во Далас, се појави на панел со претседателот на Мајкрософт Бил Гејтс и во разговор со него се пошегува за трејдот. Во шегата го вклучи и Стив Балмер, поранешен оперативен директор на Мајкрософт, а сега сопственик на ЛА Клиперс.
„Имав тешка недела“, му рече Кубан на Гејтс. „Ако по напуштањето на Мајкрософт дознаете дека Стив Балмер го заменил Windows 11, жешкиот нов оперативен систем, за Windows 10, систем достоен за „Куќата на славните“, но постар систем. Што би направиле? Гејтс со насмевка одговори дека мисли дека треба да се крие од медиумите.
„Познавам неколку луѓе во таа ситуација“, рече Кубан, мислејќи на генералниот менаџер на Далас, Нико Харисон, кој клубот го ангажираше да го чува поради бројните смртни закани од навивачите, откако го избрка нивниот омилен играч.
Кубан беше на чело на Маверикс од 2000 година, кога ги купи за 285 милиони долари, до 2023 година, кога го продаде својот мнозински удел на израелската претприемачка Миријам Аделсон за повеќе од 4 милијарди долари. Тој го освои шампионатот во 2011 година со Дирк Новицки во главната улога и го назначи Дончиќ за негов наследник.