Ненад Трајковиќ дојде на чело на Пелистер во текот на минатиот месец, резултатите на почетокот под водство на српскиот стратег не се на посакуваното ниво, но искусниот стручњак јасно става до знаење дека е оптимист за иднината на Пелистер, верувајќи дека тимот наскоро ќе почне да покажува партии какви што се очекуваат од трикратниот вицешампион на Македонија.
„Овде сум веќе половина месец и се уште го запознавам тимот, ја запознавам македонската кошарка. Не е тоа така лесно, да се влезе во корен, не само на квалитетот, туку и на психологијата на играчите. Работиме по пет часа дневно, гледајќи видео-анализи и тренирајќи, се навикнуваме и тие на мене и јас на нив, она што е најважно – јас сум задоволен од нивниот ангажман. Единствено што недостига е она најважното – резултатите. Се бараат само победи, јасно ми е дека никој никого не прашува дали некој бил повреден болен или за некои други околности, се бараат победи без никакво оправдување. Јас можам да кажам дека ќе дојде и тоа, дека сигурно доаѓаат подобри денови за Пелистер. Ќе се обидеме да го покажеме тоа и на следниот куп-турнир. Македонската кошарка се движи во нагорна линија, од година во година има се поквалитетни странци како и домашни играчи. Нема да ни биде лесно да стигнеме до трофејот што го посакуваме во оваа ситуција, Она што за мене како тренер е најважно е играчите да дадат 120% од своите можности и да ги изненадат екипите кои во моментов важат за главни фаворити“, вели Трајковиќ.
Следен предизвик за Пелистер ќе биде завршниот турнир од Купот на Македонија, што ќе се одржи во Гевгелија каде за противник во четвртфиналето ќе го имаме тимот на Чаир.
„Одиме натпревар по натпревар, целосно сме фокусирани на дуелот со Чаир. Можам да кажам дека сериозно се подготвуваме за тој дуел, прво да покажеме многу подобра игра од она што го прикажавме на последниот дуел со Феникс. Јас генерално сум задоволен од она што го прикажавме на тој меч, секако имаше и работи што не ми се допаднаа, што на крајот пресудија да го загубиме тој дуел. Овие денови ќе работиме на отстранување на тие грешки и верувам дека ако одиграме како што знаеме ќе успееме да стигнеме до посакуваниот резултат против Чаир. Тогаш би оделе на победникот од дуелот МЗТ – Работнички и на тој меч би требале да го покажеме правецот во кој се движиме како екипа“, истакнува стратегот на Пелистер. Според него, решавачка ќе биде мотивацијата и инспирацијата на кошаркарите.
„Имав можност да погледнам снимки од ланскиот куп и извонредната атмосфера што беше направена во Битола на тој завршен турнир. Овојпат играме во Гевгелија, ќе немаме наши навивачи, но се ќе зависи од инспирацијата и личната мотивација на самите кошаркари, тоа е нешто што е различно кај секој поединец. Воопшто не е прашањето колку се тие квалитетни или колку тренерот знае, бидејќи штом се овде сигурно имаат квалитет за да бидат дел од Пелистер, прашањето е колку ние како стручен штаб ќе можеме да го извлечеме максимумот од нив. Повторувам, одиме натпревар по натпревар, мотивирани сме за добра игра и добри резултати во Гевгелија, да дадеме најмногу што можеме, се надевам дека ќе растеме од натпревар во натпревар и да се обидеме овие лоши резултати од последниот период да ги поправиме токму преку добро издание на Купот на Македонија“, потенцира српскиот стручњак.