Еди Шерифовски е џудист кој ја претставуваше Македонија на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Ѓер во 2017 година и кој минатата година настапи и на Олимписките игри во Париз. Во ова интервју, тој зборува за своето искуство на ЕМОФ, како му помогнал овој настан во спортската кариера и што им порачува на младите спортисти кои ќе учествуваат на претстојниот ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи кон крајот на јули оваа година.
Како изгледаше твоето искуство на Европскиот младински олимписки фестивал?
„Учеството на ЕМОФ беше едно од најважните искуства во мојата кариера. Тоа беше првата голема меѓународна манифестација, на која се натпреварував со најдобрите млади спортисти од цела Европа. ЕМОФ не е само натпревар, туку и прилика да се почувствува олимписката атмосфера, да се запознаат врвни спортски ривали, но и да се создадат пријателства кои траат и денес. Овој настан ми ја отвори вратата кон професионалниот спорт, бидејќи научи како да се носам со притисокот, како да бидам дисциплиниран и што значи вистинска спортска подготовка“.
На кој начин ЕМОФ ти помогна во понатамошната кариера?
„ЕМОФ беше вистинска подготовка за големите натпревари што следуваа. По настапот, добив многу поголема самодоверба и јасно увидов на што треба да работам за да напредувам. Покрај тоа, ЕМОФ ми овозможи да се покажам пред меѓународните тренери и селектори, што ми отвори нови можности во спортската кариера. Тоа беше мојот прв чекор кон големите натпреварувања, а подоцна настапив и на други европски и светски првенства, а круна претставуваше настапот на Олимпијадата во Париз минатата година“.
Што би им порачал на младите спортисти кои ќе настапат на ЕМОФ Скопје 2025?
„ЕМОФ може да биде почеток на нешто големо за секој млад спортист. Најважно е да уживаат во натпреварите и да го дадат својот максимум, а ова искуство ќе ги обликува не само како спортисти, туку и како личности. Треба да ја искористат шансата и да запознаат врвни натпреварувачи, да научат од секоја борба и да уживаат во атмосферата. ЕМОФ не е само спортски настан, туку момент кој може да им го промени животот, исто како што го промени мојот“.
Како гледаш на фактот дека Македонија ќе биде домаќин на ЕМОФ 2025?
„Ова е огромна чест и можност за македонскиот спорт. Ќе имаме прилика да покажеме дека можеме да организираме големи настани и дека младите спортисти во Македонија имаат квалитет и потенцијал. Верувам дека ова ќе биде инспирација за сите млади да се посветат на спортот и да сонуваат големи соништа. Очекувам неверојатна атмосфера и силна поддршка за нашите спортисти“.
Што мислиш за улогата на волонтерите на вакви настани?
„Волонтерите се срцето на секој голем спортски настан. Тие ја создаваат позитивната атмосфера, ја олеснуваат организацијата и се мостот помеѓу спортистите и публиката. Без нив, ваквите натпревари не би биле можни. Голема почит за сите кои ќе одлучат да бидат дел од ЕМОФ 2025 како волонтери, бидејќи тие ќе бидат клучни за успешната реализација на овој настан“.
Дали ќе бидеш дел од ЕМОФ Скопје 2025 и на кој начин?
„Секако! Со големо задоволство ќе го поддржам настанот, било како дел од организацијата или како поддршка за младите спортисти. Овој фестивал ми даде многу, и сега е време јас да дадам нешто назад. Ќе се трудам да ги мотивирам младите џудисти и сите спортисти да ја искористат оваа прилика на најдобар можен начин“.