Куп на Македонија: Може ли Гевгелија да се случи чудо?

123

Денеска во Гевгелија стартува битката за Куп трофејот „Благоја Георгиевски – Буштур“. Бранител е тимот на МЗТ Скопје, две години по ред го освојува овој пехар. Прв на патот до 13. трофеј во ова натпреварување на тимот од Аеродром му стои вечниот ривал, Работнички. Овие два тима кои и се најтрофејни кога станува збор за Купот на Македонија, за првпат ќе се сретнат во раната фаза, поточно во четвртфиналето, нивната пресметка е последна на денешната програма во салата „26 април“ во Гевгелија, стартува во 20:30 часот.

Последните три официјални средби меѓу овие два тима им припаднале на кошаркарите на МЗТ Скопје вклучувајќи го и ланското полуфинале во Купот на Македонија, во кое „сино-белите“ славеа со 81-76, додека на последната средба од домашниот шампионат беа подобри со 75-63.

„Купот на Македонија е специфично натпреварување, каде мора да ја оправдаме улогата на фаворит. Сè зависи од нашата пожртвуваност во одбрана и напад, каде што енергијата мора да ја покажеме на терен, да се бориме за секоја топка. Тука нема фаворити, сите имаат иста цел, ние одиме чекор по чекор, фокусирани сме само на првиот меч и дербито со Работнички“, изјави капитенот Дамјан Стојановски.

Работнички долго време чека да освои пехар, последниот во Купот на Македонија го освои токму во Гевгелија во 2019 година, во финалето играше против Блокотхена, па останува да видиме дали овој град ќе биде среќен за „црвено-белите“.

Четвртфиналната програма почнува со пресметката меѓу ТФТ и Гостивар, дуелот е закажан во 13 часот. Тимот од Тафталиџе веќе има еден пехар во своите витрини, во 2022 година беше победник, а во финалето го совлада МЗТ Скопје. На другата страна Гостивар има два пехара, но истите ги освои во 2001 и 2022 година.

„Имаме само пријатни спомени од Куп-натпреварите. Токму тука успеавме да го освоиме првиот трофеј во нашата историја, па затоа се надеваме дека можеме да го повториме овој успех.

Атмосферата во тимот е одлична, особено после победата над Работнички во првенството. Купот е натпреварување од најголемо значење за нас. Ќе одиме да се забавуваме, но се надеваме дека ќе успееме да донесеме уште еден трофеј за Тафталиџе“, рече Боро Смилковски, тренерот на ТФТ.

Пелистер, кој е во криза, излезот од истата ќе го бара против Чаир (15:30 часот). Минатата година Битола беше домаќин на ова натпреварување, беше на чекор до освојување, во финалето загуби од МЗТ Скопје.

„Одиме натпревар по натпревар, целосно сме фокусирани на дуелот со Чаир. Можам да кажам дека сериозно се подготвувам за овој дуел, пред се да прикажам многу подобра игра отколку што прикажав на последниот дуел со Феникс. Генерално сум задоволен од прикажаното на тој натпревар, но имаше и работи кои не ми се допаднаа, што на крајот доведе до одлука да го загубам тој дуел. Верувам дека ако одиграме како што знаеме, ќе успееме да дојдеме до посакуваниот резултат против Чаир. Тогаш би оделе кај победникот од дуелот МЗТ – Работнички и на тој меч треба да покажеме во кој правец се движиме како тим“, рече Ненад Трајковиќ, кој дојде на местото на Александар Петровиќ.

Домаќинот Кожув ќе има тешка задача, за противник го има Куманово предводен од Марин Докузвоски, кој прави одлична работа со неговиот тим, овој меч е закажан во 18 часот.

„Особено сме задоволни бидејќи МКК Куманово за прв пат учествува на Купот и ќе бидеме дел од елитата на кошаркарскиот свет. Ќе гледаме со максимален труд да придонесеме за издигнување на кошарката на повисоко ниво. Како дебитант фаворитската улога ќе им ја препуштиме на други клубови, но тоа не значи дека ќе се предадеме и по кадровските проблеми. Куманово настапува максимално на секој натпревар и посакувам сите добри настапи и овој турнир да помине без повреди“, изјави Марин Докузовски.

ДОСЕГАШНИ ОСВОЈУВАЧИ

РАСПОРЕД – КУП НА МАКЕДОНИЈА 

ПретходноПерез за Валверде: Го купивме за 5 милиони евра, а сега вреди 300 милиони!
СледноБесарт Ибраими: Да го дадеме најдоброто од себе и на крајот да бидеме шампиони!