МЗТ Скопје е последниот патник во полуфиналето на Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“, откако го совлада вечниот ривал Работнички со 97-63. Бранителот на пехарот за противник ќе го има Пелистер, мечот се игра утре (18 часот). Избраниците на Васко Атанасов одиграа одлично во одбраната, за разлика од нивниот противник, кој делуваше анемично на теренот.
Едвин имаше 16 поени, Маслинко 14 кај победникот. На другата страна Капетановиќ имаше 16 поени.
Работнички беше одличен во првите четири минути кога поведе со 7-12. На другата страна на МЗТ Скопје како да му беше потребно време да ја наметне својата игра. Магдевски и Маслинко повлекоа. По тројката на Ефремовски за 11-15, „сино-белите“ целосно се издигнаа со серија од 21-3 поведоа со 32-18 во 14-та минута. Одбраната на тимот од “Градски парк“ беше под нивото, не функционираше ниту нападот, па избраниците на Васко Атанасов во 17 минута дојдоа на плус 17 (39-22). Во меѓувреме Горан Самарџиев мораше да повика два тајм-аута, но ништо не променија. МЗТ Скопје имаше и 41-24, на одморот резултатот беше 43-28.
Ништо не се промени ниту во третата четвртина, МЗТ Скопје продолжи да решета, со две тројки во низа, на Дамјан и Петков, и два поени на Маслинко поведе со плус 25 поени разлика (59-34) во 26-та минута, минута подоцна Миловановиќ зголеми на 62-36. На стартот на последната четвртина МЗТ Скопје поведе со 68-40 и тука ја најави својата убедлива победа.