Работнички ниту одблизу не беше блиску до победа против МЗТ Скопје во четвртфиналето во Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“. Тимот од Аеродром беше доминантен, славеше со убедливи 97-63, во полуфиналето ќе игра против Пелистер, дуелот е закажан во 18 часот.
Горан Самарџиев тренерот на Работнички беше разочаран по овој дуел, бидејќи неговите момци не покажаа ниту малку желба за победа.
„Честитки до МЗТ Скопје, изгледа ние дојдовме како туристи. Одговорноста е моја, играчите немаа жар и желба за победа. Точно е дека имаме интерни проблеми, тоа не е изговор кога играш против МЗТ Скопје. Пред почетокот на Купот кажав дека дојдовме да го освоиме, но сега ми е срам. МЗТ ни одржа лекција по кошарка“, рече Самарџиев.