Тренерот на Рома, Клаудио Раниери, беше крајно лут по натпреварот од плеј-офот од Лигата на Европа против Порто. Натпреварот заврши 1:1, но тренерот на „волците“ не го криеше негодувањето од одлуките на судијата кој според него се потрудил да му помогне на Порто да победи.
Раниери изјави дека сакал да направи замена пред ситуацијата за израмнување, но не му било дозволено.
„Сигнализиравме дека ќе направиме промена. За нашите намери знаеше и помошниот судија. Дојдовме со намера да имаме одличен натпревар и да победиме. Одигравме добро и задоволен сум од играта на тимот.
Не разбирам како е можно шефот на судиите во УЕФА, Роберто Розети, кој е исклучително чесен и пристоен човек, на овој натпревар да испрати судија кој секогаш ја поддржува домашната екипа. Од 22 натпревари под негово водство, гостинските екипи ремизираа 9, сите останати ги добија домаќините“, истакна Раниери, кој продолжи:
„Судијата шеташе наоколу ветувајќи дека ќе им даде картони на некои играчи, но ќе им ги даде на други. Мислам дека само чекаше да се случи нешто во нашиот шеснаесетник за да му ја подари победата на противникот. Беше јасно. Затоа играчите станаа нервозни“, објасни Раниери.
Тој потенцира дека ги предупредил играчите за судијата, кој според него со доделување на осум жолти картони не ја завшил својата работа.
„Ги предупредив играчите да не се расправаат со судијата бидејќи тој така постапува. Веројатно мисли дека заврши добра работа, но осум жолти картони и еден црвен картон за нас… Не ме сфаќајте погрешно, некои картони беа заслужени, но не можете да ги направите играчите нервозни од самиот почеток. Да, им кажав на момците дека не сакам да му честитаат на судијата. Не го заслужи тоа.
Мразам да гледам играчи како врескаат и си ги држат лицата како да се удирани. Нека се користи ВАР за казнување на симулаторите. Во спротивно, знам како ќе играме фудбал. Некој добива тупаница во стомакот и почнува да вреска и да го држи за лице. Ова веќе не е фудбал!“, ја заврши својата тирада Клаудио Раниери.